Собранискиот спикер, Талат Џафери кој требаше денеска да сведочи на судењето за наводните организатори на 27 Април, нема да дојде во судница.
Го известил судот дека има работни обврски и дека може да сведочи дури после 12 часот, но поради другите неколкумина повикани сведоци, судот го информирал Џафери ќе го повика да сведочи на некое од следните рочишта.
За случајот, и денеска сведочат пратеници. По барање на одбраната свои искази за случувањата на 27 април ќе имаат Стојан Миланов, Нада Цикушева, Борис Змејковски, Павлина Честојанова и Драган Цуклев.
Според обвинителниот акт на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, случувањата од 27 април во Собранието ги организирале Трајко Вељановски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски. Обвинети се за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.