Франција останува и понатаму против сегашниот нацрт-трговски договор меѓу Европската унија и земјите од Меркосур, соопшти денеска Владата, посочувајќи го „големиот” проблем на уништувањето на шумите, по објавувањето на критичкиот извештај за еколошките ризици, јави дописникот на МИА.
Француската влада формулира три „барања” за продолжување на преговорите со овие земји (Бразил, Аргентина, Уругвај и Парагвај), вклучувајќи го и суштинското почитување на Парискиот договор за климата и усогласувањето на увозот со здравствените стандарди и еколошки политики утврдени од ЕУ.
Во извештајот објавен вчера, комитет од независни експерти детално го дискутираше овој нацрт-трговски договор меѓу Европската Унија и Меркосур. Овој проект „претставува пропуштена можност ЕУ да ја искористи својата моќ за преговори за да добие солидни гаранции за исполнување на еколошките, здравствените и општо општествените очекувања на нејзините сограѓани”, заклучува Комисијата за проценка во својата студија од 184 страници.
Претседавана од економист специјалист за животна средина Штефан Амбек, оваа група беше задолжена во јули 2019 година да спроведе независна проценка на „потенцијалните ефекти (…) во однос на одржливиот развој” на овој договор, што допрва треба да биде ратификуван од сите национални парламенти да бидат конечно потврдени.