Соработката на Министерството за образование и наука и Министерството за информатичко општество и администрација во делот на дигитализацијата на образованието беше тема на разговор на првата официјална средба меѓу министерката Мила Царовска и министерот Јетон Шаќири, информираат од МОН.
Оттаму потенцираат дека предизвиците на пандемијата ја потврдиле важноста од дигитална трансформација на традиционалното образование.
-Двајцата министри се согласија дека Единствената национална платформа за настава на далечина е само прв исчекор кон модернизација на образованието, на чија доградба и развивање заедно ќе работат. Министерката Царовска нагласи дека ова е можност да создадеме систем на квалитетно образование достапно до сите деца, а Платформата ја создаваме како трајна вредност којашто ќе се развива и надградува, велат од МОН.
На средбата биле потврдени заложбите за создавање професионална, модерна и транспарентна администрација, што ќе биде сервис на граѓаните.
Царовска и Шаќири се согласиле дека тесно ќе соработуваат и во развојот на е – услугите од надлежност на Министерството за образование и наука.