Во клон на градинката „Детска радост“ во Струмица вчера беше потврден прв позитивен случај на ковид-19 кај петгодишно дете, а во градинката се преземаат сите мерки за заштита на децата кои биле во контакт со заразениот.
Како што потврди Васил Бубев, директор на ЈОУДГ „Детска радост“ за „Слободен печат“ , петгодишното дете градинката ја посетувало само три дена.
-Детето ја посетувало нашата градинка во деновите среда, четврток и петок, а од понеделник не било носено на градинка. Согласно констатацијата на епидемиолог, детето е заразено во контакт со позитивен на Ковид-19 член на фамилијата, вели Бубев.
Според него, вчера добиле известување од родителот на детето дека во нивното потесно семејство имаат лице позитивно на ковид-19 и дека во текот на денот цело семејство ќе биде тестирано, а по добиената информација одговорното лице за постапување во градинката веднаш стапило во контакт со службата на ЦЈЗ Струмица и постапи согласно Алгоритамот.
Бубев додава дека набргу по ова е извршена дополнителна дезинфекција во градинката, како и тоа дека 11 дечиња се ставени во изолација.
-На увид пристигна епидемиолошката служба на ЦЈЗ, која утврди дека во градинката се почитуваат сите мерки и препораки согласно Протоколот за работа и даде насоки за изолација на 11 дечиња кои престојуваа заедно со детето позитивно на ковид-19, изолација на воспитно- негувателскиот кадар од групата и вонредна дезинфекција која се изврши веднаш по заминување на дечињата од групата , додава Бубев.