Поранешната советничка на потпретседателот на САД, Мајк Пенс, Оливија Трој, го критикуваше одговорот на Трамп на пандемијата и рече дека планира да гласа за Џо Бајден.
Републиканката Оливија Трој беше главен координатор на активностите на кризниот штаб за сузбивање на пандемијата на коронавирусот, предводена од Пенс, а Белата куќа ја напушти во јули.
На видео објавено од групата „Републикански гласачи против Трамп”, Трој вели дека администрацијата на американскиот претседател кон средината на февруари веќе знаела дека Ковид-19 ќе стане голема пандемија во САД, но оти Трамп не сакал да слуша за тоа, бидејќи најголема грижа му биле изборите и како таквата ситуација ќе влијае на неговата репутација кај гласачите.
– Вистина е дека тој навистина не се грижеше за никого освен за себе, рече таа во видеото.
– Ако претседателот сериозно го сфатеше вирусот … ќе спречеше ширење на вирусот, ќе спасеше животи, додава Трој.
Трамп изјави дека никогаш не ја запознал Оливија Трој и оти таа напишала „прекрасно писмо” по напуштањето на Белата куќа, во кое ја фали администрацијата.