Италијанците го поддржаа предлогот за намалување на бројот на италијански парламентарци од 945 на 600 на референдумот одржан вчера и денеска, покажуваат податоците од излезните анкети.
Доколку резултатите бидат потврдени, тоа би бил поттик за владејачкото Движење 5 ѕвезди, кое ја поддржува реформата на бројот на италијански парламентарци и вели дека тоа ќе ги намали расходите на парламентот и ќе го направи поефикасен.
Егзитпол на ТВ РАИ покажа дека 60-64 проценти од Италијанците го поддржуваат предлогот, додека 36-40 проценти се против. Конечните резултати ќе бидат објавени подоцна денеска.
Реформата бара намалување на бројот на членови на Долниот дом од 630 на 400 и на Сенатот од 315 на 200. Предлогот е веќе одобрен од италијанскиот парламент и ќе стапи во сила за следните национални избори. Сега парламентот ќе мора да го смени системот на гласање пред следните национални избори во 2023 година.