Најмалку 10 случаи на коронавирус на Света Гора

Во манастирите на Света Гора се потврдени најмалку 10 случаи на коронавирус, од кои осум случаи во манастирот Свети Павле и најмалку по еден во Хиландар и во манастирското село Лакоскити.

Манастирот Свети Павле, кој се наоѓа на западниот брег на Атос, е ставен во карантин, а еден свештеник во критична состојба е префрлен во болница во Солун, пренесува „Катимерини“.

На Атос е  испратен тим на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ)  за да открие колку вирусот навистина е распространет на Атос. Како што е наведено, засега никој не може да гарантира дека вирусот не се проширил во други манастири, ќелии и простории.

Се додава дека Светата заедница на почеток ги затворила вратите на Света Гора за посетителите, но мерките се ублажени и на посетителите им е дозволено да ги посетуваат манастирите со мерење на температурата, како и свештениците кои доаѓаат и одат од островот.

Иако претходно биле предупредувани свештениците да ги почитуваат мерките, многумина од нив не го прават тоа, особено за време на верски собири и церемонии.

Порталот Грик репортер потсетува дека манастирот Свети Павле е основан кон крајот на 10 и почетокот на 11 век и дека во него живеат 31 свештеник. Манастирската библиотека содржи 494 ракописи и повеќе од 12 000 печатени книги, а манастирот се смета за 14. во хиерархијата меѓу 20 манастири на Света Гора.

Од Националната организација за јавно здравје на Грција соопштија и дека од направени 7.064 брзи тестови на бегалците и мигрантите при нивното сместување во новиот, привремен камп Кара Тепе на Лезбос, во периодот од 12 до 20 септември, потврдени се 243 позитивни случаи на Ковид-19, а биле тестирани и 40 вработени во невладини организации и 120 полицајци, чии резултати се негативни, јави дописничката на МИА од Атина.

 

Треба да знаете
Последни објави