Владеењето на правото ќе биде клучно во пристапните преговори за членство во ЕУ. Тоа е почетна точка, но и последен чекор во преговорите, изјави новиот амбасадор на Европската Унија Дејвид Гир при предавањето на акредитивните писма на претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски.
-Минатиот март, Советот на Европската унија ја донесе историската одлука за отворање на преговори за членство со Северна Македонија. Ова се случи по значајните реформски достигнувања, тешките одлуки кои го потврдија избраниот правец на оваа земја. Сега сите можеме да го очекуваме официјалниот почеток на преговорите на Меѓувладината конференција, рече Гир.
Подвлече дека пристапните преговори ќе бидат онолку исцрпувачки колку што ќе биде големо и задоволството.
-Процесот исто така значи поддршка на демократијата и дијалогот, заштита на човековите права и животната средина и создавање на одржлива економија во служба на граѓаните. ЕУ реформите и подобрувањето на животот и перспективите на луѓето не се конкурентни приоритети, туку напори кои меѓусебно се зајакнуваат. Тие вклучуваат процес на позитивна реформа во интерес на слободите, напредокот и безбедноста на обичните Македонци, порача новиот ЕУ амбасадор.
Изрази очекување дека тесно ќе соработува со претседателот, со Владата, со Парламентот, со опозицијата, и како што рече, со сите актери и сектори на општеството низ целата земја, кои мора да бидат во центарот на овој голем потфат за да може Северна Македонија да го заземе своето место како членка на Европската Унија.
Претседателот Пендаровски од своја страна истакна дека новиот ЕУ амбасадор доаѓа во исклучително значаен момент за земјава, бидејќи, како што посочи, по потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, завртевме нов лист во својот развој и одлучивме да го надополниме загубеното време во исполнување на своите клучни цели.
-Сега, во периодот пред нас, на ред е одлуката за почеток на преговорите да се материјализира во што поскоро усвојување на Преговарачката рамка од страна на Советот на ЕУ и да се закаже првата Меѓувладина конференција помеѓу Европската Унија и Северна Македонија која ќе го означи конкретниот почеток на преговорите, рече Пендаровски.
Изрази уверување дека со почетокот на преговорите и ревидираната методологија, не само што ќе придонесат за натамошно стабилизирање на состојбите на Западниот Балкан, туку нам, како држава, ќе ни овозможат побрзо и поефикасно да ги имплементираме неопходните реформи, особено во сферата на борбата со организираниот криминал и високата корупција.
-Изградбата на функционална правна држава, во чие средиште е независниот и ефикасен судски систем, е еден од нашите стратешки приоритети и сите институции посветено работат кон остварување на оваа цел. Бидете уверен дека за остварувањето на оваа стратешка цел сите институции ја имаат мојата целосна поддршка, подвлече Пендаровски.
Мандатот на амбасадорот Гир како Шеф на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија е четири години. Тој доаѓа на местото на Самуел Жбогар кој функцијата евроамбасадор ја извршуваше од септември 2016 година досега.