На состанокот се изразени честитки за изборот на новата Влада и e потврдена поддршката од Австрија за европските интеграции на нашата држава.
Премиерот Заев упати порака до австрискиот канцелар Курц дека и новоизбраната Влада во земјава е целосно посветена на европскиот пат.
На средбата е изразена согласност дека владеењето на правото е една од клучните области за Република Северна Македонија и за интеграциите и притоа е констатирано дека Австрија може да помогне во унапредувањата во оваа област.
„Големи можности се сега пред нас, откако воспоставивме добрососедски односи со сите соседи и со тоа создадовме можности за бенефити за нашите граѓани на домашен план. Тоа се економските можности од значење и за граѓаните и за државата. Владата, со развојот на економијата, е цврсто определена да работи и на владеењето на правото и е подготвена да соработува и со Австрија и со европските институции со цел усогласување на праксите и легислативата”, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, зборуваше и за насоченоста на Владата кон развој на образованието и на здравствениот систем и се заблагодари за солидарноста од Австрија и државите на ЕУ за време на здравствената криза.
На состанокот е констатирано дека економската соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Австрија е одлична и дека има можности за интензивирање на билатералните односи во следниот период, во областа на инвестициите, здравството, енергетиката, трговијата, културата, земјоделството.