Претседателот Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Словенија во Република Северна Македонија, Милан Предан.
Претседателот Пендаровски изрази задоволство од одличните билатерални односи и од успешната соработка меѓу двете земји кои се карактеризираат со интензивна соработка, безрезервна меѓусебна поддршка и почитување. Освен пријатели, Северна Македонија и Словенија се сојузници во НАТО, додавајќи дека поддршката и соработката ќе продолжат и во процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ.
Исто така, претседателот истакна дека билатералните односи меѓу двете земји се пријателски, со успеси во повеќе области. Словенија додаде тој е наш значаен трговски партнер, со бројни инвеститори, препознатливи по своите производи со одличен квалитет, се присутни на македонскиот пазар.
Во контекст на справувањето со пандемијата на КОВИД-19, претседателот Пендаровски се заблагодари за помошта која Словенија, уште на самиот почеток на кризата, ѝ ја додели на мојата држава, како и за успешната координација меѓу нашите две држави во однос на практичните искуства и решенијата за надминувањето на овој феномен. Исто така, тој потсети дека двете земји имаа и заеднички ангажман и придонес за безбедноста и стабилноста на нашата јужна граница во справувањето со мигрантските текови,
Амбасадорот Предан заблагодарувајќи се на топлото добредојде истакна дека пријателството и партнерството кои двете земји започнаа да ги градат во времето на поранешната заедничка држава, се зајакнаа во периодот по независноста на двете земји, додавајќи дека односите секогаш биле искрени, без скриени агенди, засновани на взаемна доверба и разбирање едни на други, овие односи денес се одлични и без отворени прашања, што е посебна скапоценост.
Исто така, амбасадорот Предан истакна дека кон тоа придонесоа и богатите економски, културни и други контакти како на државно ниво, така и меѓу луѓето. Тој додаде дека над илјада македонски студени секоја година се образуваат на словенечките универзитети, а врските меѓу помладите генерации се најголемата гаранција за нашата идна соработка и непроценлив капитал што мора да продолжиме да го негуваме.
Амбасадорот Предан го изрази своето уверување дека Република Словенија и понатаму ќе застане покрај Република Северна Македонија и со своето знаење и искуство ќе помага на патот кон полноправно членство во ЕУ. „Бевме силни поддржувачи на на вашето членство во НАТО и сме силни поддржувачи на што побрзиот почеток на вашите преговори со ЕУ. Заедно со моите колеги во амбасадата, ќе се потрудам словенечката поддршка за овие клучни цели да ги следи вашите желби и очекувања.