Потпишан договорот за новиот ГУП на Скопје

Со потпишувањето на денешниот договор помеѓу Град Скопје, Министерството за транспорт и врски и Агенцијата за просторно планирање и официјално почнува  процесот за подготвување на новиот Генерален урбанистички план на Град Скопје.

-Бидејќи станува збор за еден сложен и сеопфатен процес новиот ГУП на Град Скопје 2022-2032 ќе биде изработен со финансиска поддршка на Министерството за транспорт и врски, а во неговата изработка директно ќе се вклучи Агенцијата за просторно планирање со поддршка од поширок круг на стручни лица од различни области, академската заедница, невладиниот сектор, како и од граѓаните како поединци директно или преку единиците на локалната самоуправа. Генералниот урбанистички план на Град Скопје е стратешки развоен план со општи елементи на просторниот развој во текот на период од една декада. Како таков се донесува во услови на творечки процес на планирање и со учество на сите субјекти и институции на територијата на опфатот, изјави Шилегов.

Планот ги дефинира основните наменски употреби на површините, ги претставува главните насоки на развојот и ја регулира примарната инфраструктура. Претходниот ГУП на Град Скопје беше  усвоен 2012 година и оттогаш  до денес извршени се многу парцијални измени во просторот, што главно се однесуваа на измени на програмите и локациите за одредени содржини.

-Како градоначалник лично се залагам за рационално, контролирано и функционално ширење на Скопје во насока на обезбедување на одржлив развој; визионерско планирање на сообраќајната инфраструктура, како основен елемент во просторната комуникација; соодветно планирање на комунална инфраструктура, посебно од аспект на инфраструктура за прифаќање со селектирање, рециклирање и депонирање на цврст и друг отпад; како и реконструкција на изградените простори и блокови во простори со повисок комунален и амбиентален стандард, рече Шилегов.

Тој додаде дека во неговата  визија Скопје го гледа како зелен град со многу повеќе внимателно распоредени зелени површини, повеќе функционални јавни простори, сообраќај планиран на начин што ќе обезбеди урбана мобилност и комунална инфраструктура која ќе биде целосно во функција на обезбедување  чиста и здрава животна средина.

-Верувам дека Скопје ќе се развива и шири на начин што ќе го релаксира притисокот од претераната урбанизација на јужниот дел од градот, на сметка на рационалното користење на неискористените слободни површини во северниот дел од градот.Во текот на изработката на новиот ГУП верувам дека ќе бидат разгледани можностите за отстранување на некои недостатоци кои стојат во актуелниот и во претходните ГУП-ови. Минатата година кога со министерството ја договаравме оваа соработка за пример ја земав планираната јужна обиколница на градот која според моето слободно уверување е спротивна на принципите за заштита на животната средина имајќи предвид дека за нејзината изградба е потребно уништување на добар дел од Водно. Сосема на крајот ќе подвлечам дека до 2022 година истекува важноста на постојниот ГУП. Сметам дека процесот на изработка на новиот ГУП ги вклучува сите засегнати страни на начин што ќе обезбеди гаранција дека се сериозно лимитирани можностите за пропусти при носењето на деталните урбанистички планови и другата планска документација од понизок ранг. Оттука убеден сум дека ќе се отворат можности со новиот ГУП да обезбедиме и услови да се продолжи со деталното планирање на градот на начин што сериозно ќе го унапредува квалитетот на живот на нашите сограѓани, нагласи Шилегов.

 

 

 

 

Договорот денеска го потпишаа градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов,  министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на  Агенцијата за просторно планирање, Огнен Апостолски.

 

Треба да знаете
Последни објави