Продлабочување на соработката во делот на странските директни инвестиции, спроведување на активностите како дел од Билатералната програма за соработка 2020-2021, како и мерките што се спроведуваат со цел справување со здравствено-економската криза, беа тема на разговор на денешната средба помеѓу министерoт за финансии, Фатмир Бесими и холандскиот амбасадор, Дирк Јан Коп.
На средбата Бесими, како што информираат од неговиот кабинет, посочил дека надворешно-трговската размена со Кралството Холандија во 2019 година бележи годишен раст од 24,8 проценти, додека во периодот од почетокот на годинава до јули регистриран е пад од четири проценти во однос на истиот период лани.
– Ова е резултат на здравствено-економската криза којашто го зафати целиот свет. Ситуацијата во сите сфери е крајно сериозна, но ние активно работиме на мерки и политики што ќе овозможат да се намали ударот врз економијата и веќе наредната година да имаме и позитивен раст, под услов да нема влошување на епидемиолошката состојба, истакна Бесими на средбата.
Амбасадорот Јан Коп на министерот Бесими му врачил лично писмо од холандскиот министер за финансии, потенцирајќи дека и двајцата му посакуваат успех во работата.
Јан Клоп, истакна дека гледа можност за напредок во делот на холандските инвестиции во земјава, како и на трговската размена помеѓу двете страни.
Холандија, како што рече, е втор најголем извозник на храна и тоа е областа во којашто гледа можност за зголемување на соработката, особено затоа што нашата земја има поволни услови за производство на храна.
Приливот на странски директни инвестиции од Холандија во последната деценија изнесува 378 милиони евра, што е 13,2 проценти од вкупните СДИ во земјава.
Во делот на Билатералната програма за соработка 2020-2021 помеѓу двете министерства за финансии, во наредниот период, во зависност од општата глобална состојба, треба да се имплементираат активности во делот на подобрување на внатрешната ревизија, макроекономските проекции, јавните набавки, дигиталниот буџет итн.
Република Северна Македонија е во групата земји од Холандската конституенца во Светска банка, ММФ и ЕБРД.