Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов очекува дека до крајот на месецов ќе биде распишана постапката за избор на нов тендер за тунелите под Кале.
– Јас сум човек кој преферира добро да испланира пред да влезе во реализација, затоа и многумина мислеа дека првата година градоначалникот не работи ништо. Но, видовте дека како влеговме во реализација немаме застанато и јас немам намера да застанам, дали нареднава една, дали наредниве пет години. Во таа една, односно пет години ќе дојде до реализација и на тунелите, рече Шилегов.
Во однос на стационарот Лајка, Шилегов рече дека е скоро целосно готов, односно останува уште во една од халите да се спроведе електрика.
– Јас мислам дека до крајот на оваа недела целосно ќе завршиме со уредувањето. АХВ има закажано контрола на 25 септември со цел после тоа, откако ќе биде одобрено отворањето да го ставиме конечно стационарот во полна употреба, посочи Шилегов.
Прашан за наредните чекори што Градот ќе ги преземе за депонијата Вардариште, Шилегов изрази очекување дека со отпочнувањето на преговорите со Европската Унија ќе се отворат фондовите, а со тоа, како што рече многу поедноставно и Градот, но и Министерството за животна средина и просторно планирање ќе работат на овој проблем.
Во однос на случајот со навивачите од пред неколку дена, тој рече „секогаш кога го имаме ВМРО-ДПМНЕ во опозиција, имаме провокации на национална основа”.
– Замолувам ВМРО-ДПМНЕ да ја напушти праксата да си игра лесно со емоциите на луѓето, особено најдлабоките емоции како што се националните. Граѓаните ги повикувам да задржат разум, мир, стабилност, рационалност во своето однесување и да не подлегнуваат на ситни провокации кои очигледно дека некој ги прави за сопствена политичка агенда. Во нормална демократска партија која изгубила избори требаше да се разговара за промена на раководство или за непромена, а не да се прават обиди за демонстрации или обиди за насилство на улица, со цел да се избегне одговорноста, додаде Шилегов.