Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција истакна дека есенва може да се очекува нов бран на корона вирусот, по што најави дека е можно повторно воведување на рестриктивни мерки.
Тој истакна дека се анализира евентуално воведување на нови мерки.
-Целта е да се избегнат рестрикции на движењето, кои би ја закочиле економијата, но доколку е нужно и тоа ќе го направиме.
Размислуваме за задолжително носење на маски и на отворено, силни казни за семејни прослави, ограничување на бројот на гости во угостителските објекти…, рече министерот Филипче.
Тој истакна дека еден од најголемите ризци е притисокот врз здравствениот систем.
-Состојбата со коронавирусот кај нас, како и насекаде во Европа и во многу земји во светот се влошува како завршува летото. Велика Британија, Франција, Шпанија, Чешка, Холандија се меѓу земјите кои се подготвуваат да имплементираат нов пакет рестриктивни мерки во обид да се спречи ширењето на коронавиурусот во овие земји.
Шкотска упати предупредување до своите граѓани за тешки, но неопходни рестрикции. Во Израел тоа веќе е на сила, затворени се училишта, градинки и трговски центри. Франција исто така ги заострува мерките. Меѓудругото ќе бидат забранети дружења и посети меѓу домаќинствата. Ова е нешто што го најавувавме неколку пати и посочувавме дека месец септември може да биде почеток на еден нов есенски бран, додаде Филипче.