Собранието денеска треба да ја продолжи седницата за избор на заменици министри во Владата. Продолжението на седницата претседателот на законодавниот дом Талат Џафери го закажа за 14 часот, но, како што најави, можно е и пролонгирање поради заседавањето на Советот за безбедност кај шефот на државата Стево Пендаровски. Премиерот Зоран Заев вчера во образложението пред пратениците на предложената листа на заменици министри, истакна дека очекува од нив да се вклучат во реализацијата на владините приоритети.
– Справување со последиците од пандемијата, зачувување на работните места, создавање функционална економија и враќање на економскиот раст на четири отсто, унапредување на животниот стандард на граѓаните и натамошен раст на платите, силни институции, неселективна правда и борба против корупцијата, изградба на општество со еднакви шанси за сите, како и активно учество во сите процеси и активности на земјата како членка на НАТО и почеток и успешно завршување на преговорите за членство во ЕУ, се дел од приоритетите на новата Влада, во чија реализација премиерот Заев очекува приоднес да дадат и новите заменици министри.
Со именувањето на заменици на министрите, рече премиерот, се комплетира системот на ефикасни и силни институции со полн капацитет и легитимитет кои ќе работат на реализација на програмата на Владата и пред се во справувањето на последиците од пандемијата со КОВИД-19 како еден од првите владини приоритети.
Опозицијата, пак, оцени дека станува збор за „старо-нова Влада”, а поставувањето на замениците министри е само политички пазар меѓу владините коалициски партнери.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски за предлогот за заменици-министри, кажа дека е базиран на предизборни лаги и ветувања, кои во практиката сосема поинаку изгледаат.
Имаат и забелешки што меѓу предложените 16 заменици-министри има само една или две жени, дека има премногу заменици министри кои се без потребната професионалност и квалификуваност.
Најголем дел од вчерашната седница за избор на заменици министри, пратенциите ја искористија за дебата за состојбата во образованието, за почетокот на новата учебна година, за враќањето на работа на родителите и хронично болните, за економската состојба, за ковид-кризата, за македонската историја, за идентитетските прашања, за Гоце Делчев…
Според листата доставена од Владата до Собранието, за заменик-министер за одбрана е предложен Башким Хасани, во Министерството за внатрешни работи Назим Буши, а во ресорот правда Агим Нухиу.
Илхан Рахман е предложен за заменик на министерот кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а Фатмире Исаки за заменик-министер за надворешни работи.
Во Министерството за финансии заменик на министерот Фатмир Бесими треба да му биде Димитар Ковачевски, а во Министерството за економија предложен е Зоран Маневски. Во ресорот земјоделство за заменик е предложен Трајан Димковски, кој претходно ја извршуваше министерската функција во истото Министерство.
Илир Хасани е предлогот за заменик-министер во Министерството за здравство. Арафат Шабани е предложен во Министерството за образование и наука, Енвер Хусејин во Министерството за труд и социјална политика, Зоран Димитровски во Министерството за локална самоуправа и Седат Сулејмани во Министерството за култура.
За заменик-министер за информатичко општество и администрација е предложен Александар Бајдевски, во Министерството за транспорт и врски Беким Реџепи, а во Министерството за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска.