Изборните спотови со ликот на Вилма Русковска кои се емитуваа по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ предизвикале душевна болка и анксиозност кај обвинителката. Ова стои во вештачењето кое нејзиниот адвокат го презентираше на рочиштето во Граѓанскиот суд каде ја тужи партијата заедно со лидерот Христијан Мицкоски и генералниот секретар кој поднесе оставка, Игор Јанушев. Од нив бара 10.000 евра оштета, за кои најави дека ќе ги донира во хуманитарни цели.
Адвокатот кој ја застапува Русковска на судењето образложи дека ВМРО-ДПМНЕ преку спотовите ја клеветеле обвинителката дека не работи според законите, а пред судот, не доставиле докази дека не го направиле тоа.
Бранителот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, пред судот тврдеше дека спотовите биле обид за на саркастичен начин да се искритикува работата на СДСМ и обвиниелката како јавен функционер, а адвокатот на Русковска реагираше дека не станува збор за јавна критика со факти, туку ликот е употребен во кампања каде таа не ни учествува.