Повторното започнување на прелиминарните контакти меѓу Грција и Турција се разговори, а не преговори, истакна министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, говорејќи на онлајн конференција за Источниот Медитеран организиран од Институтот за демократија Константинос Караманлис.
– Разговори значи дека се обидуваме да најдеме правила врз основа на кои ќе се одржат преговори. А зошто е тоа тешко? Бидејќи Турција не го прифаќа меѓународното право како стандардно правило, објасни Дендиас.
Контактите меѓу Грција и Турција, ќе започнат набргу во Истанбул, по пауза од четири години, а портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, говорејќи за државната телевизија ЕРТ рече дека во следните денови ќе се знае точниот датум на одржувањето.
– Она што се чини, а е важно, е дека штом ќе започнат прелиминарните контакти, ќе одиме на намалување на провокативното однесување што го видовме во изминатиот период. Ова е затоа што би било незамисливо да се разговараме за одредување на нашите поморски зони и истовремено, на пример, да гледаме бродови во регионот, рече Пецас.
Во однос на можноста за телефонска комуникација меѓу грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Пецас се повика на изјавата на Мицотакис од минатата седмица дека е потребно да се исполнат два услови: доверба и добра подготовка.
– Ако постои ова, тогаш сè е можно, истакна портпаролот на грчката Влада.