Добро вечер Македонијо,
Драги пријатели, браќа и сестри,
Вечерва сум тука со вас, бидејќи сум еден од вас, добри и храбри луѓе кои се секогаш спремни да се борат против неправдите затоа што ја сакаме Македонија! Не сакаме држава на политички прогон, државен криминал и фашизоиден однос кон идентитетот, туку сакаме држава на слободни, храбри и достоинствени луѓе, држава на горда македонска нација.
Пријатели, браќа и сестри, голем дел од вас ме запознаа како човек кој почувствува дел од мозаикот на неправди, реваншизам и политичко насилие, кое денес е начин на живеење и функционирање на политичките елити на власт во Македонија.
Сето она што се случи по 27 април 2017 година ќе остане длабоко врежано во нашата колективна меморија, како пример за сериозна злоупотреба на власта и моќта во справувањето со неистомислениците и политичкото насилство во киднапирањето на државата и погазувањето на сите закони. Во ништењето на Уставот, паралелно со ништењето на човечките судбини, само за моќ, влијание и интерес.
Се обидоа да не замолчат, да не понижат, да ни ги одземат елементарните човекови права. И може да земат многу работи, може да ни земат речиси се – но никогаш нема да ни ја одземат слободата за која секогаш ќе се бориме. Никогаш нема да ни го одземат достоинството, храброста и правото да ја зборуваме вистината. Никогаш нема да ни го одземат правото да кажеме МАКЕДОНИЈА!
Денес можеби вистината е под земја, но неа никој нема да ја спречи. Таа ќе излезе на површина, како што излегоа на виделина и сите однапред договорени агенди и пактови за разнебитување на нашата држава за кои предупредувавме во минатото.
Денес во Македонија се применува сила против свеста, сила против животот, насилство против волјата на секој оној што мисли поинаку.
Затоа, драги пријатели, ова мое денешно обраќање пред вас, сакам да им го посветам на нашите браќа кои се во македонските затвори. Неправедно обвинети, неправедно осудени. Можам да ветам, дека ќе ги искористам сите законски, демократски инструменти да се дознае вистината! Како што се борев за својата вистина и својата правда, која е вистина и правда за сите нас, така ќе се борам до крај за неправедно затворените, политички прогонуваните.
Задоцнетата правда е голема неправда, но сигурен сум дека ќе дојде денот кога македонските патриоти ќе ја дочекаат истата. Македонскиот код е неуништлив! Нека ни е вечна Македонија! Да сте ми живи и здрави.