Во рамки на соработката на проектот „Сузбивање сериозен криминал во Западен Балкан – ИПА 2019″, министерот за правда Бојан Маричиќ денеска оствари средба со Станислав Пинтар – резидент ЕУ јавен обвинител, Елиса Дибало – резидентниот ЕУ полициски експерт и Мила Станковиќ – национален правен советник.
Како што соопшти Министерството за правда, овој проект е кофинансиран од страна на Европската комисија и владите на Германија и на Италија, а се спроведува од страна на германската Агенција за меѓународна соработка (ГИЗ), холандскиот Центар на меѓународна правна соработка (ЦИЛЦ) и италијанското Министерство за внатрешни работи.
Целта на овој проект е да се зајакне одговорот на земјите од Западен Балкан во борбата со сериозниот криминал и тероризам, преку зајакнување на соработката на државите од регионот, но и со ЕУ институциите како Европравда, Европол и други, се наведува во соопштението.
Според Министерството за правда, на состанокот се разговараше околу процесот на изградба на ефикасна мрежна поврзаност и соработка на државите од Западен Балкан, како и за интероперабилноста на институциите на земјите во регионот со што би се овозможила поефикасна борба против сериозниот криминал.
– Воедно, на состанокот се дискутираше и околу значајноста на донесувањето на новиот Закон за меѓународна соработка во кривична материја, кој ќе овозможи поефикасна меѓународна соработка во делот на борбата против криминалот. Министерот Маричиќ се заблагодари за поддршката овозможена преку проектот и истакна дека сите елементи на владеењето на правото се значајни, но дека борбата против организираниот криминал и корупцијата е можеби најзначаен елемент за Северна Македонија, се додава во соопштението.