НАТО соопшти дека има напредок во воените преговори меѓу Грција и Турција со цел да се избегнат конфликти во Источниот Медитеран. Двете земји се расправаат околу потенцијалните зони богати со природен гас.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека воените претставници на двете земји имале серија состаноци во седиштето на Алијансата во Брисел, во обид да постигнат договор за „механизам на деконфликција“ со цел да се избегне ризик од конфликт.
„Состаноците се во тек и е постигнат напредок“, рече Столтенберг по разговорот со шпанскиот премиер Педро Санчез.
Столтенберг прецизираше дека тоа се технички воени преговори кои ги дополнуваат дипломатските напори на Германија за решавање на конфликтот.
Во последните месеци има зголемени тензии меѓу Грција и Турција, членка на НАТО, па Германија го презеде посредувањето.
Атина и Анкара во вторникот се согласија да започнат билатерални разговори за да ја решат кризата.
Столтенберг ја поздрави одлуката, а шпанскиот премиер оцени дека тоа е важен чекор во вистинската насока.