Се погласните најави за нови строги анти-корона мерки како големи затворања, карантини и полициски час, за претседателот Пендаровски не се прифатливи поради ефектот што го имаат и врз економијата и врз луѓето.
Треба стратегија и добар план, е советот од Водно.
Претседателот ова го кажа по завршениот совет за безбедност кога е утврдено и дека пандемијата засега не влијае врз безбедноста, иако и тоа се следи.
Короната ја одложи за неколку месеци седницата на Советот за безбедност која сега за првпат се одржа на тема политичко-безбедносна состојба по членството во НАТО, кое државата го обезбеди на 27-ми март.
Безбедносната состојба е стабилна, а се следи и состојбата со бегалците-заклучиле учесниците откако им се обратиле и специјално повиканите директори на разузнавачките и оперативни агенции.
Безбедносниот врв утврдил и начин за набавка на 5г мрежа согласно НАТО препораките бидејќи таква чувствителна дигитална технологија Телеком ќе мора да набави од подобните држави и производители. По откривањето на терористичката група од Куманово со подготвени елеци за самоубиствени напади, Пендаровски вели дека службите го обработуваат сето она што може да ја наруши безбедноста.
За бугарските ставови за Гоце Делчев и за македонизмот, Пендаровски со свој став- македонскиот револуционер треба да зближува и да се прославува неговото дело.
Советот за безбедност денеска донесе и нови лица во него по министерските промени во новата влада, се врати премиерот Заев, а остана Спасовски но со старо-новата министерска позиција. Нов член е новиот шеф на дипломатијата Бујар Османи.
Извор: Телма.мк