Во своето вечерашно гостување на Телевизија 24, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи истакна дека фокусот на Владата ќе биде развој на глобално конкурентна македонска економија со која сите граѓани ќе можат да се гордеат и во која секој ќе може да пронајде своја шанса.
Вицепремиерот Битиќи го посочи позитивниот пример за една мала компанија од село Скудриње во мавровско-ростушкиот регион која се изборила на глобалниот пазар и претставува снабдувач на трите најголеми италијански градежни компании со македонски кнауф. Компанијата обезбедува егзистенција за околу 60 граѓани, кои со својот професионализам и посветеност успеале да се издигнат на светскиот пазар.
„Мислам дека со ова треба да ја заокружиме дискусијата што е нашиот мандат на ова Влада во наредните 4 години: Фокус на економија, на економија и на економија затоа што тоа ќе донесе подобар живот за секој еден граѓанин во Македонија,” посочи Битиќи, додавајќи дека со својот професионализам, необременет од етничките поделби, ќе се посвети да служи на создавањето конкурентна македонска економија – не само во регионот, туку на светско ниво.