Резултатите од една нова студија покажуваат дека Ковид-19 создал нова мутација која се чини дека е уште позаразна, а експертите велат дека тоа може да биде одговор на вирусот за да ги заобиколи маските и другите мерки за социјално дистанцирање.
Научниците идентификуваа нова варијанта на вирусот, идентификувана кај 99,9 отсто од случаите за време на вториот бран во областа на Хјустон, Тексас, пренесува „Вашингтон пост“.
Весникот наведува дека кај луѓето со мутацијата D614G на Ковид-19 имаат поголеми количини на вирусот, сугерирајќи дека таа е позаразна. Иако вирусот не е посмртоносен, истражувачите велат дека се чини оти е подобро адаптиран да се шири меѓу луѓето.
Дејвид Моренс, виролог од Националниот институт за алергија и заразни болести, вели дека наодите сугерираат оти вирусот може да стане позаразен и дека ова може да има последици врз нашата способност да го контролираме.
Тој рече дека е можно вирусот да еволуирал за да се спротивстави на мерките како миењето раце и социјалното дистанцирање.
„Носење маски, миење на рацете, сите тие работи се бариери за преносливост или зараза, но бидејќи вирусот станува сè позаразен, статистички е подобар во надминување на тие бариери“, посочи Моренс.