Младата активистка за животна средина Грета Тунберг се врати придружувајќи им се на другите млади демонстранти пред шведскиот парламент за да го одбележат Денот на глобалните протести против климата во социјално дистанцираниот свет.
„Главната надеж, како и секогаш, е да се обидеме да имаме влијание врз нивото на свесност и јавното мислење, така што луѓето ќе станат посвесни“, им рече на новинарите 17-годишната активистка.
Пандемијата на коронавирусот го спречи одржувањето масовни собири во рамките на движењето „Петок за иднината“ што го инспирираше Тунберг и ја намали јавната видливост на движењето во последните месеци.
Тунберг ги започна самостојно протестите пред шведскиот парламент во Стокхолм на 20.8.2018 година. Студентите ширум светот наскоро почнаа да ја следат, организирајќи редовни големи протести, а таа беше поканета да разговара со политичките и деловните лидери на конференциите на ООН и на годишниот Светски економски форум во Давос.
Нејзините пораки без двоумење испратени до претседателите и премиерите, заедно со научни факти за потребата од итно намалување на емисиите на стакленички гасови, ѝ донесоа пофалби и награди, но и повремени критики, па дури и закани по живот.
Таа ги повикува пратениците да останат на историскиот договор за климата во Париз од 2015 година, според кој богатите и сиромашните земји треба да преземат мерки за сузбивање на зголемувањето на глобалните температури поради кои се топат глечерите, се зголемува нивото на морето и се менува начинот на врнежи.
Парискиот договор бара од владите да презентираат национални планови за намалување на емисиите со цел да се ограничи зголемувањето на глобалните температури на под два Целзиусови степени.
Денес протести за климата се планирани и на други места.