Премиерата на филмот „Хомо“ на Игор Иванов на покривот на ГТЦ и концертот на ЗЏМ Колектив и гудачкиот оркестар во МКЦ парк вчеравечер го означија крајот на 19. издание на меѓународниот фестивал на европски филм – CINEDAYS, кој годинава се одржа во нов термин, од 18 до 24 септември. Под слоганот „Филм на секое платнo“ фестивалот CINEDAYS на вљубениците во филмската уметност им понуди разновидна програма, на повеќе локации низ градот.
-Се радувам што и во вакви вонредни околности фестивалот на европски филм CINEDAYS, успеа да се одржи по 19-ти пат. Корона кризата не натера годинава да излеземе од кино салите и заради тоа прв пат фестивалот се одржува на отворено. Јас тоа го сметам за голем успех. Во време кога заради рестриктивните безбедносни протоколи многу други културни настани беа откажани, екипата на CINEDAYS најде начин да го организира фестивалот и годинава. Затоа ќе ми дозволите да упатам огромна благодарност до овие луѓе, особено заради фактот што тоа го направија со многу љубов и ентузијазам кој не ги напушти дури и во деновите во кои буквално работеа без никаков надомест. CINEDAYS не само што успешно ја пребродува короната, туку тоа го прави и на најдобриот можен начин, реоткривајќи ги културните простори во Скопје. Дел од проекциите на фестивалот се одржаа пред поранешните кина Маџари, Влае, Кисела Вода, Напредок – рече градоначалникот Шилегов, на затворањето на фестивалот.
Градските културни институции, додаде тој, работеа цело време додека траеше корона кризата, наоѓајќи начини да ги испочитуваат здравствените протоколи, но и економски да ја пребродат кризата, што уште еднаш потврдува дека Град Скопје како единица на локалната самоуправа е целосно подготвен да менаџира сериозен дел од културата.
Шилегов вчера нагласи дека е горд што Скопје го има еден од најдобрите филмски фестивали, а потврда за тоа е и фактот што CINEDAYS е единствениот филмски фестивал од нашава држава кој е акредитиран од ФИАФ – Меѓународната федерација на филмски архиви.
-Верувам дека годинешните селектори на програмата ги задоволија вкусовите на публиката, за која знаеме дека умее да препознае добар филм. МКЦ во својство на организатор се потруди да ги донесе на филмското платно европските остварувања кои имавме можност да ги погледнеме во десетте фестивалски денови. Секоја средба со филмовите промовирани на CINEDAYS говори дека станува збор за еден посебен свет на филмската уметност, свет кој ја заслужува довербата и на Град Скопје и на сите нас, како публика, која ужива во жанровската разновидност на филмските содржини – рече Шилегов.
Значајно е да се нагласи дека во филмот „Хомо“ на Игор Иванов Изи една од улогите ја толкува и Александар Матовски Цако, кој воедно е дел од тимот на Град Скопје, во Одделението за детска, социјална и здравствена заштита.
На официјалното затворање на меѓународниот фестивал на европски филм – CINEDAYS 2020 вчеравечер присуствуваа и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Љупчо Николовски, претседателската на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева и секретарот на Град Скопје, Викторија Аврамовска Мадиќ.