Француското Национално обвинителство за борба против тероризмот соопшти дека отвори истрага за обид за убиство во врска со терористички потфат и злосторничко терористичко здружение, јави дописникот на МИА од Париз.
Истрагата им е доделена на Регионалната дирекција на судската полиција на Париската префектура (DRPJ) и Генералната дирекција за внатрешна безбедност (ДГСИ).
Јавниот обвинител на Париз Реми Хајц, потврди дека две лица се повредени во нападот и дека напаѓачот е уапсен. Уапсено е и уште едно второ сомнително лице за негова можна вмешаност во атентатот во близина на метрото Ришар Леноар. Во меѓувреме се отстранети сомневањата за сомнителниот пакет, за кој се сомневаше дека е бомба.
Двајцата повредени се маж и жена задолжени за производство во новинската агенција Премиер Лињ (Прва линија), чии простории се во непосредна близина на поранешните канцеларии на „Шарли Ебдо”. Двајцата повредени се во тешка здравствена состојба. Според информациите, напаѓачот ги нападнал на улицата „Никола Аперт”, пред нивната канцеларија, најверојатно со касапски нож, кој го оставил на местото на нападот и побегнал кон метрото. Тој бил уапсен на скалите на операта „Бастилја”.
Нападот се случи за време на судењето за вмешаните во терористичките напади против редакцијата на „Шарли Ебдо” и супермаркетот „Хипер Кашер”. Пред неколку дена под итна постапка беше евакуирана директорката за човечки ресурси на „Шарли Ебдо” откако добила директни закани.