Не постои ниту една Армија во светот чиј висок воен чин, полковник, се расправа за политика во медиуми со актуелниот министер за одбрана. Тоа го нарушува кредибилитетот на Армијата, но и довербата на граѓаните во институциите на системот.
Вака претседателот Стево Пендаровски денеска одговори на новинарско прашање околу неговиот став во врска со барањето на министерката Радмила Шекеринска за измени во Законот за служба во Армијата кои ќе наложат, високи воени лица да не смеат да бидат членови на партија.
Го покренав, рече Пендаровски, тоа прашање на последниот Совет за безбедност. Мислам дека станува збор за ситуација без преседан.
– Тоа е ситуација без преседан која мора час поскоро да се надмине. Срамна е за луѓето што ја прават, но е и девастирачка за имиџот на институциите. Ако најавените измени во Законот за служба во Армијата се во оваа насока, поддржувам каква било потребна нормативна измена што тоа ќе го спречи. Ако сте кандидат на избори, во време на кампањата сте ослободени од армиските должности и во тој период сте политичар или кандидат за политичка функција. Излезете надвор од инситуцијата, влезете во политика, организирајте се самостојно или во политичка партија и можете до утре сабајле да коментирате. Кога сте внатре во структурата на Армијата, особено во еден ваков чувствителен сектор како што се Армија, полиција, тогаш тоа е ситуација без преседан, напомена Пендаровски.
Претседателот дополни дека случаи на политичко полемизирање со актуелните раководители има и во Агенцијата за разузнавање, како и во други институции, што, исто така, рече, е без преседан.