Тренерот на англискиот фудбалски премиерлигаш Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солсјер смета дека на тимот не му треба нов централен дефанзивец. Хари Мегваер и Виктор Линделоф предизвикаа многу критики за нивниот настап на првиот натпревар од Премиер лигата, а најверојатно ќе си заминат Маркос Рохо и Крис Смолинг. Фил Џонс е повреден, а Аксел Туанзебе се уште не е подготвен.
Поради сето ова, се шпекулираше дека Солсјер ќе побара од управата на клубот друг играч во оваа позиција. Сепак, Норвежанецот го демантираше тоа и се осврна на квалитетите на Ерик Баји, кој беше стартер во победата против Лутон пред неколку дена.
-Мислам дека минатата сезона ни покажа како можеме најдобро да се браниме. Пред една недела не бевме фантастични и примивме смешни голови. Минатата сезона се виде дека Хари и Ерик имаат добро партнерство. Сепак, ние исто така се браневме како тим. Ерик е повторно подготвен, што е многу, многу голем бонус за нас. Со нетрпение очекувам да го видам неговиот развој. Тој ќе игра повеќе натпревари оваа сезона, изјави Солскјер.
Повторно прашан за можни нови трансфери до 5 октомври, менаџерот на „црвените ѓаволи” одговори:
-Имам целосна доверба во моите играчи. Вие не можете да предвидите многу во фудбалот. Јас сум фокусиран само на трите бода на саботниот натпревар. Потоа можеме да разговараме повторно.