Време е Митревски да се одважи и да разбере и признае дека не е повеќе претседател на ССМ, реагира Сојузот на синдикати на Македонија на денешната прес-конференција на поранешниот претседател Живко Митревски.
Во реакцијата се наведува дека за крунскиот доказ за кој денеска говорел Митревски се изјасниле сите надлежни институции и судови.
– За крунскиот доказ веќе се произнесоа сите надлежни институции и судови со правосилни одлуки и истото не е никаква нова работа, а Митревски тоа добро го знае поради тоа што веќе ги водел сите постапки за истата работа и ги изгубил. Ако Митревски мисли дека ќе се заборави, се лаже, а со тоа ја лаже и целокупната јавност. Желботеките на Митревски нема да претстанат, но мора да престане лажењето и манипулирањето на јавноста, се вели во реакцијата.
Претходно, денеска поранешниот претседател на ССМ Живко Митревски ги повика надлежните институции да ја спроведат задолжителната законска активност која, како што рече, произлегува од правосилните решенија, и да го избришат Дарко Димовски од Централниот регистар, а да го впишат неговото име. Рече дека има крунски доказ кој покажува дека Димовски е нелегитимен претседател на ССМ и покажа решение за уважување на барањето за упис на промена на лице овластено за застапување на Сојузот на синдикатите на Македонија од 14 ноември 2016 година, потпишано само од тогашната техничка министерка за труд и социјална политика Фросина Ременски. Според него, за да биде овој правен акт валиден требало да биде потпишан и од заменскиот министер.