Фондот за иновации и технолошки развој и УНДП (Програма за развој на Обединетите Нации) ќе работат на дигитализација на услугите што ги нудат општините за граѓаните. Проектот ќе се реализира со финансиски средства на УНПД во износ од околу четири милиони денари, со користење на процедурите и капацитетите на ФИТР.
Со проектот, соопштија од ФИТР, ќе се изработат дигитални алатки за воспоставување на електронски систем за наплата на давачките кон општината (даноци и парафискални давачки), на систем за електронско плаќање на сметки кон јавните претпријатија, електронски систем на волонтери и онлајн платформа за општински форум.
Овие дигитални алатки ќе се имплементираат во пет пилот општини: Центар Жупа, Боговиње, Свети Николе, Прилеп и Куманово. Дигиталните решенија, се наведува во соопштението, е предвидено да бидат оперативни и на располагање на граѓаните од овие општини до крајот на 2020 година.
Деталите на проектот се опфатени со проектен документ, што денеска го потпишаа директорот на ФИТР, Јован Деспотовски и постојаната претставничка на УНДП во Северна Македонија, Нарине Сахакиан.
– Со овој проект граѓаните од пет општини ќе добијат и побрзи и поквалитетни услуги. Очекувам дигитализацијата да се прошири и во сите останати општини, за што денес зборувавме и за подолгорочна соработка со УНДП и други меѓународни партнери. Овој процес треба да донесе и поголема транспареност во работењето, а со тоа и намалување на ризиците од нерегуларности и корупција при давањето на јавни услуги. Соработката со УНДП говори и за довербата на меѓународните институции во интегритетот, процедурите и капацитетите на ФИТР, изјавил Деспотовски.
Јавниот повик, како што најави Деспотовски, ќе биде објавен веќе во следните денови и ќе биде отворен за сите домашни микро, мали и средни компании. Критериумите за избор на најдобро решение ќе бидат објавени однапред, согласно воспоставената практика на Фондот. Заедничката соработка на УНДП и ФИТР освен во делот на заедничко креирање на условите на повикот, ќе опфаќа спроведување, избор на најдобри решенија, како и мониторинг на развојот на решенијата до нивната имплементација.
– Во глобални рамки, УНДП е посветен на поддржување на брзо иновирање и дигитализација низ различни сектори како начин за справување со предизвиците од пандемијата. Не сакаме само да се вратиме назад во „нормала”, туку да изградиме нешто подобро преку воведување на поодржливи и отпорни начини за доставување на јавни услуги. Затоа, УНДП и ФИТР здружија сили со цел да ги зајакнат иновациските активности во земјата, со посебен нагласок на јавните услоги. Целта на овие заеднички напори е да се поттикнат општините да прифатат нов, иновативни алатки и начини на работа за доставувањето на јавните услуги, како и да се зајакне нивната соработка со приватниот сектор, изјави Нарине Сахакјан, постојана претставничка на УНДП, стои во соопштението од ФИТР.
Избраните општини се дел од тековните проектни активности на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) насочени кон поддршка на државата за справување со ефектите од КОВИД-19, како и спроведување на брза и сеопфатна социо-економска анализа за ефектите од пандемијата и утврдување на можности за побрзо опоравување на локално ниво.
– Во моментот на селекција на општините беа земени повеќе критериуми за избор: распространетост на КОВИД-19 на локално ниво (број на заразени лица/број на активни случаи во моментот); број на жители и етничка структура; застапеност на урбани/рурални општини; географска застапеност во согласност со територијалната организација на земјата (застапеност по плански региони), се појаснува во соопштението од ФИТР.