Десетици припадници на Организацијата на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово (ОВВ-ОВК) ја блокираа попладнево десетина минути улицата „УЧК”, каде што се ноѓа седиштето на Организацијата, во знак на протест поради апсењето на претседателот на организацијата, Хисни Гуцати, од страна на полицијата на Меѓународната мисија за владеење на правото во Косово ЕУЛЕКС, јави дописникот на МИА од Приштина.
Тие фрлаа флаши и други предмети кон припадниците на ЕУЛЕКС кои учествуваа во денешната неколкучасовна акција во седиштето на ОВВ-ОВК, извдедена на барање на Специјализираните комори, односно меѓународниот суд за Косово, кој ги истражува претпоставените воени злостроства во и непосредно по ксоовско-српската војна од 1998-99 година.
Полицајците на ЕУЛЕКС, кои по апсењето на Гуцати останаа на местото на настанот, се засолнија во влезот на зградата во која се наоѓа седиштето на ОВВ-ОВК и досега нема информации за евенетуални повредени во протестот, ниту од нивна, ниту од страна на групата која протестира.
Ситуацијата, без инциденти, ја расчистија припадниците на Полицијата на Косово, кои го обезбедуваа објектот во кој се наоѓаат канцелариите на ветераните на ОВК.
Членот на раководството на ОВВ-ОВК, Метуш Криезиу, кој им се обрати на новинарите пред седиштето на организацијата, информира дека Гуцати, според членовите на неговото семејство, веќе е префрлен во Хаг и е сместен во притворното одделение на Меѓународниот суд, познат во косовската јавност како „суд за ОВК”.
Тој рече дека ОВВ-ОВК не повикала на протест пред нејзиното седиште и нагласи дека доколку го стореше тоа „ќе имаше блокада и ситуацијата ќе беше многу потешка”.
– Ги повикуваме нашите институции да реагираат, за да не дојде до ескалација на ситуацијата, порача Криезиу.
Новинската агенција КосоваПрес, повикувајќи се на сопствени извори, објави дека, по повод најновите случувања, попладнево се очекува седница на претседателите на ограноците на ветеранската организација на ОВК.
Во изминатите десетина дена во три наврати во ветеранската организација на ОВК маскирани лица доставија бројни досиеја на Специјалниот суд, со класификувани податоци од истрагата против лицата осомничени за воени злосторства и со имињата и сведоштвата на лица испитувани од Специјалното обвинителство. Досиејата им беа врачени на истражителите на Судот чие седиште е во Хаг.
Денешниот упад на ЕУЛЕКС во просториите на ОВВ-ОВК и апсењето на Гуцати уследи по вчерашното апсење на поранешниот шеф на разузнавањето на Безбедносните сили на Косово и офицер на ОВК Салих Мурати, кој е првиот официјално обвинет од трибуналот во Хаг. Мурати и Гуцати се првите од над 300 осомничени за воени злосторства за време и непосредно по војната во Косово од 1998-99 кои се уапсени по налог на Специјализираните комори за Косово.