Платата денеска им е исплатена на вработените во фабриката за чевли „Баргала” од Штип, информира директорот на компанијата Наум Барзов за МИА.
Исплатата оди согласно спогодбата, која е направена заедно со Гранковиот синдикат и претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димевски и претседателката на „Гласен Текстилец”, Кристина Ампева.
Во однос на продажбата и работењето во корона услови, директорот на „Баргала” вели дека и покрај низата проблеми, во моментот имаат договори со странски партнери и производството се извезува во Холандија и Германија. Посочува дека освен текстилната индустрија, и кожарската индустрија е во лоша состојба. Во продавниците на „Баргала” низ земјава продажбата на обувки е падната за 75 проценти во споредба со првите три месеци пред да почне коронакризата во земјава.