Илјадници џамии се уништени и оштетени за само три години во северозападната кинеска провинција Синџијанг, а сега ги има помалку од кога било, пишува „Гардијан“.
Тоа се податоци од извештајот за кинеската репресија врз муслиманското малцинство на австралискиот тин-тенк Институт за стратешка политика (СПИ). Податоците се добиени преку сателитски слики и теренски извештаи.
Кинеските власти тврдат дека во оваа област има повеќе од 24.000 џамии и дека властите ги чуваат. Но, според извештајот на СПИ, останале нешто повеќе од 15.000 кои не се уништени или оштетени.
„Ова е најмала бројка од културната револуција, кога имаше помалку од 3.000 џамии“, се вели во извештајот. Две третини од џамиите се оштетени, а околу 50 проценти од заштитените културни наследства се уништени или оштетени. Меѓу нив е и Ордам Мазар, древно гратче од 10 век каде што се одело на аџилак, кое е целосно уништено.
Се проценува дека од 2017 година, 30 проценти од џамиите се уништени, додека други 30 проценти се оштетени на некој начин. На некои им се извадени минарињата, некои места се напуштени, додека други се претворени во паркинзи или користени за земјоделски цели.