На ова рочиште, на кое сум тужен од страна на поранешниот пратеник и генерален секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, конечно можевме да го кажеме она што граѓаните треба да го чујат, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Тужен сум за еден предмет каде што ме обвинува господинот Кирацовски мене како портпарол на ВМРО-ДПМНЕ за клеветење поврзано со случајот ‘Рекет’“, објасни Арсовски.
Сепак, како интересен момент од рочиштето тој го издвои фактот дека Кирацовски пред судот одговорил на неколку прашања кои изминатата година, како што оцени партискиот портпарол, одбегнувал да ги одговори во јавноста.
„Денеска тој јавно призна пред судот дека се познавал лично со Силјан Мицевски, бизнисмен од неговиот град од каде е тој избран во тоа време за пратеник од редовите на СДСМ. Се познавал лично со градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска и заедно со уште едно лице тоа е Бојан Јовановски, на состанок повикан од страна на овие луѓе, вклучително и на бизнисменот Силјан Мицевски, присуствувал на состанокот поврзан со изградба на старски дом во Битола. Ова е една друга димензија на целиот случај вклучително и на случајот каде што јас сум клеветен. Ова се прашања, практично кои што беа јавно поставени претходно на наши јавни настапи, беа поставени од медиумите, беа поставувани од граѓаните кои што беа целите во прашалници“, истакна претставникот на ВМРО-ДПМНЕ по рочиштето.
Тој воедно ја искористи приликата јавно да го повика Кирацовски да излезе уште еднаш и да каже во кое својство бил на тие состаноци со споменатите лица.