Министерот за надворешни работи Бујар Османи учествуваше на виртуелниот министерски состанок на Алијансата за мултилатерализмот во организација на министерот за Европа и надворешни работи на Франција, Жан-Ив Ле Дријан и Федералниот министер за надворешни работи на Германија, Хајко Маас, на маргините на 75-то Генерално собрание на Обединетите нации.
-Како 30-та земја-членка на НАТО и земја во пресрет на формално отпочнување на преговорите за пристапување во ЕУ до крајот на годината, Северна Македонија со нова посветеност и решителност ќе продолжи со своите заложби за промоција на безбедноста, стабилноста и одржливиот развој, глобално и регионално, заедно со своите сојузници и партнери, подвлече министерот Османи, реафирмирајќи ја посветеноста на земјата кон мултилатералната соработка, како еден од клучните приоритетите на надворешната политика на државава.
Како што соопштија од МНР, на министерскиот состанок, посветен на зајакнувањето на мултилатерализмот, беше изразена силна поддршка на меѓународната соработка, меѓународниот правен поредок и меѓународните институции во функција на заедничко и координирано надминување на глобалните предизвици, со посебен фокус на пандемијата.
Исто така, се посочува, беа разгледани повеќе иницијативи во однос на меѓународната соработка во сегментот на здравството, климатските промени, сајбер-безбедноста и родовите аспекти.
Северна Македонија пристапи кон Алијансата за мултилатерализам во 2019 година, наведуваат од МНP.