Пет дена лекување на пациенти болни од ковид-19 на Инфективна клиника ја чини државата 41.250 денари, а во во другите болници каде што се лекуваа овие пациенти – 30.844 денари, објави СДК. Цената за лекување на респиратор е од 76.375 до 305.500 денари ако пациентот е приклучен на механичка вентилација повеќе од 15 дена.
Ова се новите цени кои Фондот за здравствено осигурување ги изработи, со цел реално да се пресметаат трошоците за лекување на пациенти со коронавирус. Бидејќи станува збор за нова болест која ја нема во ценовникот на здравствените услуги, од Фондот велат дека болниците досега нерално ги фактурираа трошоците за лекување на заболените од ковид-19.
Ковид-19 иако е вирусно заболување, не може да се фактурира според цената што пред коронакризата се пресметуваше за лекување на вирусно заболување. Таа беше 26.601 денар, но сега трошоците се многу поголеми. Земајќи ја во предвид моменталната состојба во државата во однос на пандемијата со коронавирусот и неколкукратно зголемените трошоци за третман на овие пациенти, Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби достави барање за зголемување на референтната цена со податоци за реалните трошоци за периодот од започнување на пандемијата.
„Третманот на пациенти со ковид-19 е многу поразличен, почнувајќи од видот и количината на лекови кои се користат, голем број на дополнителни испитувања, па се до протоколите и опремата за заштита на медицинскиот и немедицинскиот персонал во установата. Сето тоа драстично ги зголемува трошоците на установата за третман на овие пациенти, па се укажа потреба за промена на цената. При пресметување на референтната цена за лекување на ковид пациенти се пресметуваше трудот на медицинскиот и немедицинскиот персонал, трошоците за потрошени лекови и медицински потрошни материјали, режиските трошоци на работењето и трошоците за тековно одржување на апаратите и инструментите“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Фондот за здравство.