Премиерот Заев истакна дека вкупната вредност на четвртиот пакет изнесува околу 350 милиони евра од кои 264 милиони се од Буџетот на државата и околу 85 милиони како исклучително поволни дополнителни кредитни линии.
На презентацијата на мерките беше нагласено дека четвртиот пакет е континуитет на претходните и дека Владата ќе ја следи ситуацијата и ќе се прилагодува на развојот на последиците од кризата за да постигне максимална ефикасност во поддршката на компаниите и граѓаните од најпогодените категории.
Претставниците на стопанските комори во земјата на средбата изразија задоволство што и овој пат беа вклучени во креирањето на мерките и што голем број од нивните сугестии и предлози се опфатени во овој четврт пакет за поддршка на компаниите и граѓаните за ублажување на последиците од пандемијата со КОВИД-19.