Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во говор пред Генералното собрание на ОН, повика на посилна и поавтономна ЕУ што може да им помогне на другите да бидат посилни, вклучително и на Западен Балкан.
– Европската унија е актер на мирот и напредокот кој сака да ги мобилизира своето влијание и сила за да ги направи другите посилни. Ние поддржуваме шест партнери од Западен Балкан во нивната трансформација и интеграција. Ја потврдивме и нивната европска перспектива, нагласи Мишел.
Во својот говор пред ОН, тој истакна дека Европската унија е основана, како и Обединетите нации, врз принципите на мирна соработка, заштита на човековите права и основните слободи.
– Европската унија го брани меѓународниот поредок заснован на правила и соработка заснована на универзални вредности, наведе Мишел.