Пакистанскиот премиер Имран Кан го повика Генералното собрание на ОН да се бори против исламофобијата и го критикуваше францускиот сатиричен неделник „Шарли Ебдо”.
Во виртуелниот говор пред Генералното собрание на ОН, тој предупреди на продолжување на трендот на исламофобија и рече дека „муслиманите се уште се цел” и дека „во многу земји тоа е целосно неказниво”, пренесоа британските медиуми.
-Нашите светилишта се уништуваат, нашиот пророк се навредува, Светиот Куран се пали … и сето тоа во име на слободата на говорот. Нередите во Европа, вклучувајќи ги и навредливите карикатури во неделникот „Шарли Ебдо”, се најнови примери, рече Кан.
Тој предупреди дека „свесните провокации и поттикнувањето на омраза и насилство мора да бидат универзално забранети”.
-Ова собрание треба да прогласи меѓународен ден за борба против исламофобијата и да изгради коалиција што ќе се бори против тоа зло, рече пакистанскиот премиер.