Кога и да одам на работилници, секогаш ни велат дека имате камера и имате сѐ. Јас бев дел од „Џифони Италија“ и „Џифони Македонија“. Тие ми отворија врати, ме приближија до филмот. Барајте курсеви, работилници, учествувајте…Ако имате проблем да работите сами, можете да побарате помош. Многу е важно да сте опкружени со луѓе што ги интересира филмската уметност. Со луѓе со сличен интерес, ќе најдете начин да работите заедно и да се поддржувате – рече Ристов. Активните џифонци Мартин Чичовски и Вања Тројачанец одржаа мастер-клас во кој фокус беше ставен на нивната средношколска серија „Тремор“. Во неа третираат многу важни теми – насилство меѓу младите, дискриминација на ЛГБТ-лицата, силување и сл. Нивната дискусија предизвика големо внимание кај џифонци. -Го избравме насловот „Тремор“, зашто станува збор за емоција која секој лик во секоја епизода ја споделува и провејува цело време. Добро е кога може да се инспирирате од реалноста и да ја претворите во филм. Сакаме да ги убедиме луѓето да зборуваат за сите овие приказни што ги имаме. Имаме епизода и на тема силување. Со секој нов филм имате поголеми очекувања, па вообичаено кога се прават првите филмови лесно е да се изморите од целиот процес – рече Чичовски. За младиот актер Вања Тројачанец секој нареден проект значи големо искуство. – Ние не се плашиме од критика, веруваме во пораките што ги создаваме. Многу луѓе на наша возраст, а и повозрасни се жртви на дискриминација. Ние не се плашиме да покажеме дека има ЛГБТ-заедница во Македонија, на пример – вели Тројачанец. Џифонци ги започнаа своите работилници. Секој со својот интерес – кон музиката, дизајнот, анимацијата, фотографијата, секој има свое место под сонцето на Џифони. Овојпат исправени пред нов предизвик, духот на Џифони да го задржиме и пренесеме на новите генерации и со јазикот на технологијата. Публиката синоќа уживаше и во проекцијата на британската комедија „Ослепен од светлината“. Денеска на програмата продолжуваат работилниците. Мастер-клас со пренос во живо во 17 часот на фејсбук-страницата на Џифони ќе одржи Сергеј Сарчевски, студент по филмска уметност во „Вестминстер“ Лондон. Еден час подоцна ќе следува мастер-клас на млади вклучени во програмата „Докуникулци“ која е дел од фестивалот „Македокс“ од Скопје.