Словенечката полиција денеска соопшти дека изминатиот викенд уапсила неколку големи групи мигранти на границата и внатре во земјата.
Уапсени се и неколку шверцери.
Вкупно 144 мигранти, претежно од Бангладеш и Пакистан, беа фатени во Илирска Бистрица на југозападот од земјата, пренесува агенцијата СТА.
Во близина на Ормож, полицијата пресретнала возило со 22 мигранти, исто така најмногу од Бангладеш и во таа прилика се уапсени двајца шверцери од Молдавија и Украина.
Во близина на Цеље беа фатени 34 мигранти, а еден шверцер, по потекло од Белгија, беше уапсен.
Како што се наведува, против шверцерите ќе бидат поднесени кривични пријави, додека најверојатно ќе се вратат во Хрватска од каде што дошле.