За оваа и за наредната година, па и среден рок не се очекуваат позначајни инфлациски притисоци, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за Македонската телевизија.
„Во услови на проектиран пад на економската активност во оваа година, не се очекуваат инфлациски притисоци предизвикани од страна на побарувачката. Оттаму, централната банка, со априлските проекции, за оваа година проектираше инфлација од околу 0%, а потоа постепен раст на цените кој што би достигнал до 2% на среден рок. Значи зборуваме за умерена, ниска и стабилна инфлација. Ако ги погледнеме остварувањата за првите осум месеци од оваа година, инфлацијата во просек е 0,8%, со позитивен придонес кај цените на храната, а при негативен придонес на цените на енергентите, во услови на голем пад на цените на енергентите на светските берзи, особено на цените на нафтата. Оттука, за оваа, па и за наредната година и на среден рок не би требало да има позначајни инфлациски притисоци.” – посочи Ангеловска-Бежоска. Во однос на економската активност, гувернерката истакна дека остварувањата на македонската економија во вториот квартал од оваа година се согласно со очекувањата на Народната банка.
„Многу е битно што ќе се случува понатаму. Не само од здравствен аспект, туку битни се и случувањата кај економиите коишто се трговски партнери на нашата економијата, како и ефективноста на макроекономските политики во ублажувањето на негативните ефекти од ковид-кризата.” – порача Ангеловска-Бежоска. Инаку, како што кажа таа, октомврискиот циклус на макроекономски проекции штотуку започна и откако ќе биде завршен, Народната банка ќе соопшти и поконкретни видувања и очекувања за претстојниот период. Во интервјуто, гувернерката се осврна и на пристапот до девизна ликвидност во евра, којшто на Народната банка ѝ е овозможен преку посебен инструмент на Европската централна банка и е исклучително значаен, бидејќи подразбира брз пристап до ликвидност во евра доколку е потребно. Тековно, каматната стапка за користење на средствата овозможени од ЕЦБ е 0%.
„Ова остава простор и за порелаксирана монетарна политика, којашто секако дава значаен придонес во одржување поповолни финансиски услови – монетарна политика којашто помага за кредитна поддршка и за населението, и за компаниите, и овозможува кредитирањето да се остварува под поволни финансиски услови.” – напомена Ангеловска-Бежоска.
Во услови на солиден раст на депозитите коишто претставуваат главен извор за финансирање на кредитите, како што посочи гувернерката, продолжува трендот и на солиден кредитен раст при поголема фокусираност на банките кон корпоративниот сектор.
„Притоа, нема затегнување на каматните услови, наспроти затегнувањето на странските финансиски пазари – просечната каматна стапка на кредитите, оваа година продолжува да следи умерена надолна траекторија.” – истакна Ангеловска-Бежоска.