Одговорно чувајте ги милениците. Нивното одгледување не е и не смее да биде само мода или забава. Вакцинирајте ги кучињата и мачките и против беснило, така ќе го заштитите нивното, но и сопственото здравје. Вакцинацијата против беснило и обележувањето на милениците со микрочип се законска обврска. Тоа носи и обврски и одговорност, што значи дека сме одговорни и кон личното и кон здравјето на најблиските, но и кон општеството во целина.
Ова е пораката од денешната тркалезна маса по повод 28 септември, Светскиот ден за борба против беснило, што ја организираа Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Ветеринарната комора.
Како што беше речено, треба да се работи уште многу на подигање на свеста на сопствениците во однос на нивната одговорност кон милениците. Сите домачни кучиња и мачиња што се идентификуваат со микрочип, воедно и се вакцинираат, но задолжително е да се вакцинираат секоја година, не само еднаш со микрочипирањето. Исто така, задолжителна е и ревакцинацијата.
Мотото со кое АХВ се вклучува во глобалната кампања по повод Светскиот ден е „Нула смртни случаи од беснило до 2030″. Камапањата, пак, става фокус на вакцинацијата и соработката, основи на кои АХВ веќе ги реализира активностите против болеста која е еднакво опасна и за животните и за човекот.
-Со Ветеринарната комора и науката, од денешниов настан ја испраќаме пораката дека целта – нула смртни случаи од беснило до 2030-та може, мора и ќе ја постигнеме заедно. Позитивната епидемиолошка состојба со болеста кај домашните и кај дивите животни е резултат на континуираните активности кои ги преземаме како држава и како институција за држење под контрола на болеста чие присуство последен пат кај домашните животни во земјава е евидентирано во 2012 година во Радовиш, кога од ова болест беше заболена мачка. Истата година е евидентиран и последниот случај на заболено диво животно, волк во Кочанско, изјави заменик-директорот на АХВ, Фирус Мемед.
Според претседателот на Ветеринарната комора, Томислав Николовски, беснилото е опасна и смртносносна заразна болест која може многу лесно да се превенира со вакцинација.
-Бележиме значаен исчекор со оглед дека пред две години е направена масовна идентификација и регистрација на домашните миленици како предуслов за успешна вакцинација. Но, треба уште многу да се делува на свеста на сопствениците на миленици, да се подигне нивната одговорност од аспект на благостсојбата и здравствената затита на живиотните каде клучна е вакцинацијата против беснило, истакна Николовски.
Податоците од АХВ велат дека последниот случај на заболен човек од беснило кај нас е евидентиран во седумдесетите години.
Во земјава се регистрирани 84.949 домашни миленици од кои најмногу кучиња, 81.116.
-Во 2015 година во системот беше идентификувано и регистрирано само едно куче што е доволна потврда за постигнатиот напредок. Кампањата за бесплатно микрочипирање на милениците почна во септември 2018 година и се реализира заклучно со декември 2019 година. За неа беа набавени 100 илјади микрочипови. Кампањата даде исклучително позитивни резултати. Од 4.808 миленици во 2017 година, на крајот од 2019 година се достигна бројка од 48.380. Во соработка со Ветеринарната комора, во претстојниов период ќе ги интензивираме активностите за микрочипирање и вакцинација против беснило на кучињата во руралните средини, особено онаму каде оваа категорија животни се ангажирани во селските стопанства како чувари, пред се на стадата со добиток, истакнаа од АХВ.
Се разгледува и можноста од идната година идентификацијата и регистрацијата, како и спроведените мерки за здравствена заштита и на кучињата во руралните средини, да биде еден од условите за остварување на правото на субвенции.
АХВ одобри 15 прифатилишта за бездомни животни, а едно е во процедура на одобрување. На едно прифатилиште му е одземена дозволата за работа во 2019 година, а за уште едно годинава во тек е постапка за одземање на одобрувањето.
Од 2012 година со финансиска поддршка од ЕУ, АХВ заклучно со лани реализираше кампањи за вакцинација на дивата популација – лисиците против беснило. По секоја кампања се спроведуваше мониторинг.