Меѓународниот републикански институт (ИРИ) денеска ќе спроведе онлајн дискусија и презентација на студијата – бела книга „Ефективни министри: Како до резултати и доверба од граѓаните?” .
На дискусијата ќе учествуваат Радмила Шекеринска, министерка за одбрана, Влада на Република Северна Македонија, Трајко Славески, поранешен министер за финансии, Влада на Република Македонија (2006 – 2009), Дејан Јакимовски, раководител на сектор за седници со влада, Генерален секретаријат на Влада на РСМ, Овен Паун, резидентен директор на програмата, Меѓународен републикански институт; Илина Мангова, заменик-директорка, Меѓународен републикански институт и Ана Алибегова, менаџерка на програма, Меѓународен републикански институт.
– Оваа бела книга одблиску го доловува работењето на министрите во владите на Република Северна Македонија и ги скицира процесите на работа, обврските, размислувањата и нивниот пристап кон решавање на проблемите во земјата. Документот се заснова на податоци добиени преку повеќе извори: интервјуа кој тимот на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) ги спроведе во периодот од март до мај 2020 година, со 13 сегашни и поранешни министри во владите на Република Северна Македонија од 2006 година до денес (Анекс 1), секундарни податоци, опсервација на повеќе министри и нивните кабинети во рамките на поддршката на доброто управување во некои министерства кои ИРИ ги помагаше во периодот од 2017 до 2020 година, наведоа од ИРИ.
Посочија дека овој труд е наменет да им користи на сите политички чинители кои тежнеат да ја освојат извршната власт и да ги спроведуваат посакуваните политики, на истражувачите на извршната власт како и на граѓаните, за да им го доближи работењето на извршната власт и да им ги претстави стандардите кон кои министрите треба да се придржуваат во работата за подобро да им служат на граѓаните.