Вкупните приходи на македонските радио и телевизиски станици во 2019 година изнесувале околу 39,5 милиони евра, покажува Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2019 година, објави „Мета.мк“.
Од нив, најголем дел од приходите биле остварени од комерцијалните телевизии што емитуваат програма на национално ниво, како и од Македонската радио-телевизија како јавен радиодифузен сервис. Приходите на МРТ лани биле заокружени на 15,1 милиони евра, односно за 2,24 отсто биле помали во однос на 2018 година. Од ААВМУ пресметале дека јавниот сервис минатата година добил околу 3,7 милиони евра помалку од законски утврдениот износ што требало државата да ѝ го префрли на МРТ во 2019 година, во согласност со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.Во објавената анализа се наведува дека МРТ го завршила работењето во 2019 година со загуба од над 8,5 милиони евра.
Меѓу петте терестријални телевизии што емитуваат на национално ниво, негативен финансиски резултат од околу 355.000 евра остварила телевизија Телма. Кај сателитските телевизии, 24 вести лани имала загуба во работењето од околу 138.000 евра, а Наша ТВ остварила негативен финансиски резултат помал од 2.000 евра.
Најголема загуба од своето работење лани остварила ТВ Компани 21-М, чиј негативен финансиски резултат изнесувал 515.000 евра. Во минус отишле и ТВ Сонце со речиси 250.000 евра, како и ТВ Клан со околу 187.000 евра.
Прв пат после три години, терестријалните телевизии на национално ниво ги зголемиле вкупните приходи за 5,32 отсто во однос на 2018 година.
Најголеми приходи во висина од 7,8 милиони евра лани остварила телевизија Сител, а по неа со 3,7 милиони евра остварени приходи се наоѓа Канал 5. На третата позиција е Алсат-М со приходи во износ од околу 2,6 милиони евра, со што овие три телевизии имаат главен удел во порастот на приходите на комерцијалните телевизии.
Наспроти ова, лани најголем профит меѓу националните телевизии во земјава остварила телевизија Алфа, со добивка од речиси 640.000 евра. Веднаш по неа, телевизија Сител остварила позитивен финансиски резултат од над 460.000 евра.
Во поглед на гледаноста на телевизиите, Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги посочува дека Сител била најгледана телевизија во 2019 година, со просечен дневен досег од 38,62 отсто и просечен неделен досег од 52,78 отсто. Веднаш по неа, следува телевизија Канал 5, по што следни на листата се Телма и Алсат-М. МРТ 1, Алфа и 24 Вести имале речиси идентично ниво на гледаност во 2019 година.