Бектеши-Галовеј: Обединетото Кралство е втор најголем трговски партнер на Северна Македонија

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска оствари видео состанок со амбасадорката на Обединетото Кралство Н.Е. Рејчел Галовеј.

На состанокот разговараа за економските приоритети на Владата во новиот мандат, економската соработка меѓу двете земји како и можноста за продлабочување на истата.

Министерот ја информираше амбасадорката за мерките и реформите кои ги спроведе Владата и Министерството за економија за поддршка на економијата за справувањето со кризата предизвикана од КОВИД – 19, посебно на мерките од новиот четврт пакет кој ќе значат дополнителна поддршка за бизнисот и граѓаните во справување со последиците од пандемијата.

Министерот ја информираше амбасадорката Галовеј дека Обединетото Кралство е втор по големина трговски партнер на Северна Македонија, а вкупната билатерална трговија меѓу двете земји е во континуиран раст во последните неколку години.

Двајцата се согласија дека има простор за продлабочување на трговската соработка меѓу двете земји, пред се поради присуството на британските инвеститори на македонскиот пазар.

Министерот се заблагодари на амбасадорката Галовеј за поддршката која Британската влада ја дава на Министерството за економија во делот на подобрување на регулативата за Јавно приватно партнерство.

Министерот исто така ја информираше амбасадорката за реформите предвидени во рамки на Министерството за економија во наредниот период во делот на поддршка на бизнисот. Програмска определба на Владата во наредниот период е да се зголеми поддршката на компаниите во делот на инвестиции во нови технологии, човечки капитал и иновации.

Во делот на енергетиката министерот исто така ја информираше амбасадорката дека во наредниот период Министерството за економија ќе продолжи со поддршка на инвестиции во изградба на капацитети од обновливи извори на енергија, што ќе значи подобрување на целиот енергетски систем во државата.

Амбасадорката му го честиташе новиот, втор мандат на министерот Бектеши како министер за економија и двајцата се согласија дека соработката меѓу двете земји ќе продолжи и во наредниот период.

 

Треба да знаете
Последни објави