Бесими: Ребалансот на буџетот до крајот на неделата, парите ќе се насочат таму каде ќе придонесат кон економската активност

Ребалансот на буџетот се очекува да биде готов до крај на неделата, да се достави до Влада и веќе следната недела да влезе во собраниска процедура, вели во интервју за вестите на Сител министерот за финансии Фатмир Бесими. Со ребалансот ќе се обезбедат дел од средствата за реализација на мерките од четвртиот антикризен пакет, а воедно средствата ќе се насочат од позиции кои имаат послаба реализација кон позиции кои ќе ја поттикнат економската активност.

-Директни фискални импликации од четвртиот пакет антикризни мерки се 160 милиони евра. Дел од нив ќе се покриваат преку ребалансот, односно со кратење таму каде што има можност, каде што се гледа дека до крајот на годината позицијата нема да се реализира. Останатиот дел ќе се покрива со задолжување. Тоа е начинот на финансирање на целиот пакет. Првите подготовки за ребалансот ги правевме во Министерството за финансии, но се чекаше точната бројка на пакетот. Во моментот се работи во Министерството за финансии и до крајот на неделата се надеваме дека ќе го заокружиме ребалансот. Штом ќе помине на Влада, наредната недела ќе биде веќе во собраниска процедура, односно ќе биде пратено во Собранието – вели Бесими.

Во однос на тоа каде ќе се крати од буџетот, Бесими вели дека бројките не треба да останат само на хартија, односно дека ќе се кратат средства од оние позиции каде има помала реализација и средствата ќе се насочат кон оние позиции кои ќе придонесат кон економската активност.

Таму каде што очигледно нема да се реализираат ставките до крајот на годината, нема зошто тие средства да останат во буџетот само за да стојат на хартија, туку тие треба да се реализираат. Само така буџетот ќе има ефект врз растот во наредниот период. Министрите ќе бидат изложени на тој притисок на добро планирање, успешна реализација на проекти. Соодветно на тоа ќе предвидиме механизми како тие кои се поуспешни во релизацијата да добијат повеќе средства, а тие кои имаат послаба реализација – секако дека тие средства нема да им бидат потребни. Низ процес низ годината во текот на реализација на буџетот ќе се прилагодат капиталните инвестиции – вели Бесими.

Во однос на јавниот долг министерот за финансии вели дека во услови на криза, на кус рок поради кризата тој може да се зголеми, но исто така дека ќе се одржи макеоркономската и финансиската стабилност и на среден рок тој ќе се стабилизира.    

 

Треба да знаете
Последни објави