Бројот на хоспитализирани ковид-пациенти во Виена во моментов е поголем отколку што беше на врвот на епидемијата во Австрија на 31 март. Во училиштата има над 1.000 заразени деца.
Во моментов, 225 заболени од Ковид-19 се хоспитализирани во Виена, а за споредба, на крајот на март имало 213. Од тој број, 177 биле сместени на ковид-одделение, а 48 на интензивна нега.
Според официјалните податоци на градските власти во Виена, во моментот има уште 247 слободни кревети на одделот за интензивна нега, како и 2.214 во ковид-одделението.
Доколку ситуацијата се влоши, како што истакнуваат надлежните, другите болнички кревети повторно ќе бидат испразнети како пролетта, операциите ќе бидат одложени, а приемот на неитни пациенти ќе престане. Во тој случај, би било можно да се додадат уште 1.000 „интензивни“ кревети со респиратор.
Исто така, во Австрија, во моментов има 1.125 активни болни ученици и наставници од коронавирус. Кризниот штаб одлучил детално да анализира која возрасна група е најпогодена.
Само во Виена веќе има околу 600 заразени ученици.
Во врска со тоа е одлучено да се спроведе тестирање на деца кои биле во контакт со заразените и резултатите да пристигнат во рок од 24 часа, со цел да се избегне децата да поминуваат долго време во карантин, како и да се „отстранат“ од часовите оние деца кои се болни.