Нова регионална иницијатива за родово одговорно буџетирање

Организацијата UN Women и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Сида денеска ја промовираа четиригодишната регионална иницијатива за поддршка на владите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Србија во зајакнување на интеграцијата за родовата еднаквост во сите фази на националните и локалните креирања на политики и буџетски процеси.

Република Северна Македонија е дел од оваа иницијатива преку тековен проект за промоција на родово одговорно буџетирање, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Сида.

Денешната виртуелна промоција ги претстави значајните заложби на високите владини
претставници од регионот за водство во трансформативното финансирање и буџетирање и забрзување на прогресот кон остварување на родовата еднаквост и зајакнување на жените.

Од канцеларијата на UN Women во Скопје соопштија дека преку програмата „Трансформативно финансирање за родова еднаквост во Западен Балкан”, UN Women ќе продолжи да ги предводи напорите за финансирање за родова еднаквост во регионот на Западен Балкан преку стратешки партнерства и преку соодветна техничка поддршка и водство на владините институции и зајакнување на нивните институционални капацитети и знаење.

Програмата има за цел да се зајакнат политиките и финансиските акции на владите за напредок во спроведувањето на националните и интернационалните заложби за родова еднаквост и да се забрза имплементацијата на Пекиншката декларација и Платформа за акција, агенда со најсилна визија за човековите права на жените и девојките, како и Агендата 2030 за одржлив развој.

– Оваа програма доаѓа во поволен момент кога правиме рефлексија за да видиме до каде сме и колку уште ни преостанува за да ја оствариме родовата еднаквост. Промоцијата се случува 25 години по Пекиншката декларација за правата на жените и пет години по имплементацијата на Целите за одржлив развој, и она што го знаеме со сигурност е дека за да се случи вистинска промена во животите на жените и девојките, потребно ни е трансформативно финансирање и буџетирање. Владите во оваа програма се веќе силни застапници и посветени партнери на овој пат. Ќе продолжиме да работиме рамо до рамо со нив и да ги поддржуваме во нивните напори во справувањето со пандемијата предизвикана од Ковид-19 за да осигураме дека буџетското ребалансирање е употребено како можност за поддршка на родовата еднаквост, истакна Алија ЕлЈасир, регионална директорка на UN Women за Европа и Централна Азија.

Јована Тренчевска, раководителка на одделението за родова еднаквост при Министерството за труд и социјална политика, и претставничка од Северна Македонија на настанот, на виртуелната промоција на програмата истакна дека воведувањето на родовата перспектива во стратешкото планирање и процесите на буџетирање е системско решение за да се осигураат еднакви можности за жените и мажите, девојките и момчињата.

– Со развивањето на родовоодговорни политики и буџети ние покажуваме дека
потребите и приоритетите на жените и мажите, вклучувајќи ги и оние најисклучените, се еднакво застапени и важни, рече Тренчевска.

Од UN Women Скопје посочуваат и дека родово одговорното буџетирање е добро позната стратегија во остварувањето родова еднаквост и зајакнување на жените. Овој пристап им овозможува на владите ефективно да ги редуцираат родовите нееднаквости преку политики, планови и буџети кои подеднакво ги земаат предвид потребите на жените и мажите.

Треба да знаете
Последни објави