Заради капацитативната специфика во услови на пандемија, студентските и училишните домови ќе имаат посебни протоколи за нивното функционирање што ќе подразбира високо ниво на хигиена и честа дезинфекција. За таа цел, „Алкалоид АД Скопје” донираше производи од својата палета антисептички и дезинфекциски средства.
– Донацијата на средства за дезинфекција од компанијата „Алкалоид” не само што ќе го заштити здравјето на учениците, студентите и вработените туку и ќе го олесни спроведувањето на протоколите. Се надевам дека истите ќе се сфатат сериозно и ќе се почитуваат бидејќи тоа е единствениот начин да ја надминеме оваа состојба и да ги заштитиме нашите најблиски, изјави Дарио Николовски, директор на „Државен студентски дом” Скопје.
Како што соопшти „Алкалоид”, околу предизвиците на отворањето на студентските и училишните домови во вонредни околности, министерката за образование и наука, Мила Царовска се заблагодари до компанијата, што, како што посочи, покажа вистинска општествена одговорност и донираше средства за дезинфекција и за одржување на хигиената во домовите.
– Во оваа прилика би сакала да ги повикам студентите и персоналот во домовите да ги почитуваат протоколите за заштита, бидејќи само така можеме да го спречиме ширењето на Ковид-19. Да се заштитиме самите себеси, но и нашите најблиски. Со почитувањето на мерките сите заедно допринесуваме за зачувување на јавното здравје, рече Царовска.
Донацијата која „Алкалоид АД Скопје” ја намени за студентските и училишните домови во Скопје се состои од 16.000 литри антисептички средства („MEDICAL®” гел и „ЕCOSAL Forte® ” полиалкохолен раствор) и 17.100 литри готов раствор за чистење и дезинфекција „DEZINTAL® 0,2%” во вкупен износ од близу 5 милиони денари.
– Оваа необична учебна година по многу нешта ќе се разликува од сите досегашни почетоци, но едукацијата е клучен фактор за развој на здраво општество и неминовно е дека ќе мора да се направи адаптација кон новото нормално, имајќи го предвид најважното: здравјето на студентите. Во таа насока, ние како компанија дадовме мал придонес кон адаптација на новите прилики во студентските и училишните домови донирајќи антисептици и средства за дезинфекција. На сите ученици и студенти, во оваа прилика би сакал да им посакам успешен почеток и добро здравје. Вие сте нашата иднина и треба да поставувате исклучителни примери кои треба да се следат. Почитувајте ги мерките за заштита и чувајте се!, истакна генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид АД Скопје”.